Милошоски: Во моментот имаме 61 пратеник и продолжуваме со преговорите со ВРЕДИ

Време е ДУИ да оди во опозиција, порача Антонијо Милошоски член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа.

Милошоски ги коментираше изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека со прегласување на одредени избирачки места наводно се врши изборен инжинерингм потенцирајќи дека ДУИ вршелеа изборен инжинеринг со обидот за бојкот на претседателските избори во вториот круг.

„Да говори за изборен инжинеринг човек којшто на вториот круг на гласање за претседателските избори денот го започнаа како структура во ДУИ со организиран бојкот за да се наруши цензусот тоа е веќе изборен инжињеринг“, истакна Милошоски.

„Се гледа дека ДУИ веќе го изгуби компасот и очигледно е дека Ахмети веројатно во последните неколку години е повеќе под влијание на Артан Груби, Бујар Осамни и на некои други луѓе од тоа бизнис крило, отколку што е под влијание на порационалните луѓе во ДУИ кои што спроведуваат конвенционална политика“, додаде пратеникот.

Милошоски посочи дека токму ДУИ го прекршил правилото коалицирање победник со победник, укажувајќи дека ДУИ и Ахмети треба да се подготват за една мирна и цивилизирана транзиција како во секоја европска држава.

„Самите принципи кои ги наметна ДУИ во 2016тата година односно самите принципи кои ги прекрши сега нема право ДУИ да се повикува на било што, и затоа сметам дека е добро да се спремаат за една мирна, цивилизирана транзиција како во секоја европска држава“, изјави политичарот на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објавил дека партијата има осигурано 61 пратеник, Милошоски нагласи дека во моментот партијата има 61 пратеник, но со прегласувањето во Изборната единица 5 очекуваат да имаат 11 пратеници, со што бројката ќе изнесува 62 пратеници.

„Да точна е изјавата на претседателот Мицкоски дека во овој момент ВМРО-ДПМНЕ има консолидирано 61 пратеник. Со прегласувањето во среда и реалната шанса во 5тата изборна единица да го добиеме 11тиот пратеник, ВМРО-ДПМНЕ веќе ќе има консолидирано 62 пратеници. Потоа продолжуваат преговорите со коалицијата ВРЕДИ, која има 13 пратеници, можно е да го освојат и 14тиот. И кога ќе завршат тие преговори, сметам дека ќе се отвори можноста и за разговори со политичката партија ЗНАМ“, рече Милошоски.