Милошоски: Време е да паднат маските после Василица

Време е да паднат маските после Василица, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на Фејсбук.

„Во изминативе неколку месеци разговорите на релација Софија-Скопје станаа толку нетранспаренти, што јавноста е збунета и не знае дали на Договорот за добрососедство му се спрема нов анекс, нов акционен план или ново понижување? Оние уверувања дека потпишувањето на Договорот ќе ги решело сите спорови меѓу Македонија и Бугарија и ќе ги отворело портите на ЕУ, што пред 4 години ни ги даваа Заев и Димитров, денес се претворија во обвинувања за тоа кој сосед има поголема вина и за колку нови спорови се преговара“, истакнува Милошоски и додава:

„И се додека за македонско-бугарските преговори се одбегнува институционална расправа во Собранието, се повеќе истите ќе наликуваат на приватни пазарења на Заев со Борисов, на Бујар со Захариева или на Димитров со Каракачанов. И додека секој од споменатите тера посебна кариерна агенда, ќе слушаме противречни ставови како:
– ставот на Димитров дека од Бугарија треба да одмориме до март
– ставот на Бујар, дека со Бугарија треба поинтензивно да се преговараи

– ставот на Заев дека, откако ни удрија вето за ЕУ, тој не знаел во што е проблемот со Бугарија“.

На крајот поранешниот министер за надворешни работи порачува:

„Затоа крајно време е владините министри Османи и Димитров да ги симнат маските после Василица, да се појават во Собранието и да ги објават предлог-документите (анекси, акциони планови) кои се разменети помеѓу Софија и Скопје по однос на Договорот. Тогаш низ сериозна дискусија ќе се знае дали има достоинствен излез од овој ќорсокак, дали некој на Македонија и спрема ново анекс-предавство, и кој ќе поднесе оставка затоа што нефункциониот Договор наместо датум ни донесе вето на патот кон ЕУ“.

Воедно, пратеникот и претседател на Комисијата за надворешна работа во Собранието Милошоски испрати писмо до министерот за надворешни работи Бујар Османи и до Секретаријатот за европски прашања, односно вицепремиерот Никола Димитров, со кое ги извстува дека ќе закаже седница на Комисијата на која ќе треба да го образложат Анексот во 12 точки на Договорот за добрососедство со Бугарија.