Милошоски: Заев манипулира со граѓаните и го чува Филипче поради тендерите во здравство

Пратеникот Антонио Милошоски на гостување во емисијата „10 минути“ што се емитува на на телевизија 21 рече дека Венко Филипче поднесува оставка, но истата ја нема во Собранието ниту по 10 дена од поднесување на истата.

@Од она што ние го имаме како информација оставката не е доставена до Собранието. Заев очигледно игра улога на одолговлекувач на оставката. Самиот Заев има селективен пристап кога станува збор за неговите соработници“, рече Милошоски.

Пратеникот потсети на оставка пред година и половина која ја поднесе тогашниот заменик министер за образование Петар Атанасов која беше многу брзо или за ден-два процесуирана во Собранието и констатирана.

Милошоски изрази и сомневање зошто Заев се однесува така или не ја доставува оставката до Собранието.

„Венко Филипче поднесува оставка, но гледаме дека и по речиси 10 дена од поднесувањето на оставката, истата не е доставена до Собрание. Цениме дека министерството за здравство како институција која што располага со голем фонд и многу тендери е причината зошто Заев прави обиди да го задржи Венко Филипче на местото од кое што тој самиот поднесе оставка“, вели Милошоски.

Според Милошоски, изјавата на Заев дека ќе се произнесе по оставката на Филипче откако ќе заврши истрагата е само обид за манипулација.

„Оставката на Филипче е објективна одговорност која што треба да се констатира затоа што се случи една голема здравствена и човечка катастрофа во неговиот ресор. За субјективната одговорност дали тој има некаква кривична одговорност по однос на изградбата на модуларните болници или можеби некој друг има некој таква одговорност, тоа си е дел на истрагата. Затоа мислам дека оставките не треба да бидат поврзани со истрагата“, рече Милошоски.