Милошоски: Заев се обидел да ја излаже Венецијанската комисија!

„Премиерот во заминување Заев „транспарентно” криел од јавноста дека во врска со контроверзниот закон за јазици, кон крајот на ноември направил обид за манипулативно влијание врз Венецијанската комисија, со испраќање на писмо од име на Владата. Писмото изобилува со политикантство и правни манипулации, што укажува на тоа дека Заев го третирал претседателот на Венецијанската комисија на ниво на претседателот на Кривичниот суд во Скопје, на кого може да му наложува барања, ургенции и да му праќа СМС пораки“, објави пратеникот на ВМРО ДПМНЕ,  Антонио Милошоски на својот фејсбук профил.

-Прво, Заев сугерира Венецијанската комисија да не ја третира (не)уставноста на Законот за употреба на јазиците, бидејќи, замислете, тоа можело да влијае на резултатите на закажаните избори. Со ова, свесно или несвесно, Заев ја потврдува неуставноста на Законот за јазици, а исто така, јасно му е дека голем дел од јавноста не го одобрува ваквото негово пазарење со законитоста во Македонија.

-Второ, Заев ја лаже Венецијанската комисија дека Законот за јазици бил дел од европската регулатива, а ниту во предлог законот ниту во материјалите немаше наведено никаков извор на правото на ЕУ (директива, број, одлука) со кој треба да се усогласи македонското законодавство. И понатаму Заев продолжува да ја манипулира Венецијанската комисија тврдејќи дека Законот не се донел по скратена постапка, иако и домашната и меѓународната публика добро знае дека злоупотребата на европското знаменце кое беше прикачено на Законот за јазици ја прави можноста за дебата по истиот поскратена и од скратената постапка.

На крајот Заев бара од Венецијанската да ги преправи своите заклучоци по однос на неприменливоста на Законот за јазици во судството и штетата што истиот ќе ја предизвика врз владеењето на правото и нарушувањето на правото на ефикасна правда. И епилогот од ова е веќе познат, Венецијанската комисија си остана на своите правни стојалишта засновани на меѓународни стандарди, не земајќи ги во предвид манипулативните и политикантски “аргументи” на премиерот во заминување Заев !“, пишува Милошоски.