Милошоски: Законот за семејство е јасен и не треба да се менува ништо при спроведување на пописот

На денешната расправа на Комисијата за европски прашања за законот за попис се обрати пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој рече дека нема потреба од дополнителни формулации за работи кои се веќе утврдени во Законот за семејство.

Според Милошоски не треба да има промени во овој дел бидејќи во спротивно ќе може било кој да излезе со листа и матични броеви и да попишува лица кои не треба да бидат опфатени во пописот.

-Сакам да го напоменам фактот дека овде се предлага текст и формулација која што веќе е законска норма. Кој е дел од моето семејство, е утврдено во законот за семејство. Според тој закон за семејство јас, господинот Нухиу, Арбер и кој и да е тука, поднесуваме анкетни листови. Јас не поднесувам анкетен лист за брат ми кој живее во Чикаго. И кога ќе биде пописот, ако брат ми е подолго од една година во Чикаго нема да биде попишан. Но, ако одиме според оваа формулација тогаш ќе може некој да извади листови, матични броеви и да каже дека овој од Чикаго ми е роднина, тука живее во другата соба, ве молам болен е не влегувајте или отсутен е за кратко, овој живее во Цирих, другиот е во Шведска, четвртиот е во Словенија и во едно семејство да се попишат осум наместо двајца пензионери. Затоа сметам дека овој амандман предлага позитивна норма која што веќе е дел од законодавството и не измислува ништо друго, ниту бара некакво флексибилно толкување или паушално толкување на тоа што е семејство, рече Милошоски.

Тој додаде дека во државата веќе се уредени тие работи од страна на Собранието и не треба да се додава ништо повеќе бидејќи тоа би оставило простор за сомнеж и недоверба и непризнавање на пописните резултати

-Ние во државата имаме утврдено, Собранието го изгласало тој закон и мислам дека тоа е најсилниот аргумент зошто ваквата законска формулација треба да биде дел и од другите правни норми кои што се однесуваат на семејството. Во спротивно се согласувам со колешката Иванка и со колешката Жаклина дека ќе се остави простор за сомнеж и недоверба и непризнавање на пописните резултати, заврши Милошоски.