Милошоски: Нашата поддршка за земјоделството ќе продолжи и во иднина

милошоски

-Тука сме сега и во Кукуречани каде што имавме заедничка желба да се сретнеме со земјоделците од овој крај и да поразговараме за она што го имаме како политика досега направено и што може ВМРО-ДПМНЕ со нашите пријатели од Европа да направи во иднина. Прво заклучивме дека сите напредни реформски ориентирани држави во Европската унија посветуваат се поголемо внимание на земјоделското производство и даваат поддршка на земјоделците. ВМРО-ДПМНЕ почна една политика во 2006 година и сега десет години потоа можеме да кажеме дека таквата политика од година на година се засилува и имаме се поголема поддршка за македонското земјоделие и се додека ВМРО-ДПМНЕ одлучува за тоа така ќе биде и во иднина, потенцираше Милошоски.

Тој вели и дека врз искуствата од Хрватска и од Европскиот парламент како можеме дополнително да станеме поефикасни во тој дел.

-Втората работа исто така што ја разговараме со граѓаните се изборите кои што доаѓаат на 11 декември, тие избори за меѓународната заедница ќе бидат слика за Македонската демократија, а тие избори за Република Македонија ќе бидат огледало на народната волја која што ја имавме во 2014 година и сигурни сме дека ќе ја имаме и сега како партија која што успеа да добие доверба од македонските гласачи. Нас не поддржуваат конкретни, постоечки луѓе, а не фантоми и затоа сме сигурни дека на 11 декември ќе имаме 63 пратеници за стабилно собрание, за стабилна Влада, за стабилна земјоделска политика, за реформи и развој на Македонија, вели Милошоски.

Европратеничката Маријана Петир истакна дека секоја држава која се грижи за својот суверенитет, се грижи и за своите земјоделци.

-Поради тоа ѝ честитам на македонската влада која повеќекратно го зголеми буџетот за земјоделците, за преку субвенциите на земјоделците да им даде поддршка и можност за да ја обноват својата механизација, да изградат свои имоти, да ги преработат своите производи и да на тој начин бидат поконкурентни, но на тој начин македонската влада ги подготвува и за новиот голем пазар на ЕУ. Оние луѓе кои произведуваат храна, кои го чуваат руралниот простор, кои го држат семејството заедно, треба да имаат поддршка и тоа македонската влада го препознава и тоа се гледа во буџетот.

Јас верувам, додаде таа, дека така и ќе продолжат и очекувам дека после изборите ќе имаме политички стабилна ситуација, бидејќи тоа е исклучително важно во контекст на повлекување средства од ЕУ. -Токму поради оваа политичка нестабилност кои за жал се случуваа во изминатиов период, не се успеа да се повлечат сите оние средства кои беа наменети за Македонија. Затоа е важно, Македонија да има одговорни политичари, да има на власт политичари кои го сакаат овој народ и кои ја сакаат оваа земја.