Денеска повторно би сакал да се осврнам на еден дел од штетниот договор помеѓу Македонија и Бугарија, кој што го потпиша господинот Заев и господинот Борисов. Најпрвин да кажам дека овој договор за Бугарија со задоволство и како еден добар победник и политичар можеше да го потпише господинот Борисов и го стори тоа, изјави на прес-конференција Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, за жал, ваквиот договор за Македонија е штетен и потписот на господинот Заев оди на штета на македонското национално достоинство и на долгорочните интереси коишто ќе произлегуваат како последици од овој договор. Денеска би се осврнал на штетниот член 8 од македонско–бугарскиот договор за добрососедство којшто утврдува дека во рок од три месеца од влегувањето во сила на договорот, договорните страни ќе формираат заедничка експертска историско образовна комисија“, рече Милошоски.
Запраша што ќе работи оваа историско образовна комисија ако во неа членува познатиот бугарски националист Божидар Димитров или некој сличен на него, или некој сличен на министерот за одбрана Красимир Каракачанов.
„Тие ќе се занимаваат единствено и само со македонските учебници, со македонските текстови, со македонските медиуми, со македонските личности од историјата и сегашноста. И ќе бараат нивно соодветно толкување или корегирање. Сметаме дека оваа мешовита историско образовна комисија наместо да расправа за работи за иднината и добрите односи и перспективи кои што Македонија и Бугарија треба да ги имаат, ќе разговара за минатото. И минатото ќе го преточува во дневно политички проблеми“, рече Милошоски.
Повтори дека може да се претпостави оти бугарската страна во кое и да е време ќе има евро-скептична влада или влада којашто ќе нема да биде во добри политички или сестрински односи со политичката партија владејачка во Република Македонија.
„Во таков случај договорот и посебно оваа историско образовна комисија бугарската страна ќе може да ја користи за да отвора непостоечки или контраверзни прашања и нивното не решавање да го претставува како предуслов или доказ за нивно легално блокирање на македонските евро-атлански аспирации. Не менувањето на еден учебник од македонското образование според теркот на Божидар Димитров или слични националисти од Бугарија è отворање или затворање на поглавје од страна на Македонија со ЕУ“, рече Милошоски.
Оттаму, додаде пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, тие сметаат дека овој договор е штетен, дека овој член 8 навистина можел да биде со многу подобар текст но само доколку господинот Заев и министерот за надворешни, Димитров прифатеа опозицијата да биде вклучена и да ги земат во предвид нашите конструктивни и суштински предлози.
„Одговорноста за сегашните и за наскоро идните последици од ваквите штетни клаузули во договорот македонската јавност има можност да ја види. Но додека не се случат овие претпоставени и очекувани штетни дејствија кои што можат да ги обременат дополнително македонско – бугарските односи, ја повикуваме владата и пратениците на СДС во Собранието додека има време да се повлечат од овој договор и да направиме многу подобар поизбалансиран текст кој што нема да го злоупотребува минатото за да ја блокира иднината на Македонија“, заклучи Милошоски.