Милошоски: Селективната правда е еднаква на неправда

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на денешната седница на Комисија за политички систем во Собранието на која се расправаше за Законот за амнестија го елаборираше амандманот на опозицијата на законот.

Во членот 1 од амандманот се предлага ставовите 3 и 4 да се избришат, а ставот 5 да стане став 3. Според Милошоски амандманот опозицијата го предлага поради контрадикторноста на ставовите 3 и 4 со претходните два ставови на предлог Законот.

Врз основа на деловничките можности на оваа важна иницијатива за предлог Закон за амнестија би сакал да дадам кусо образложение на предложениот амандман. Овој амандман во членот 1 предлага ставовите 3 и 4 да се избришат, а ставот 5 да стане став 3. Овој амандман се предлага од причина што ставовите 3 и 4 се контрадикторни со претходните два ставови на предлог Законот и дополнително постои правна несигурност дека со овие два ставови, правната сигурност ќе биде загрозена, а истата е уставноправна за сите граѓани на Република Македонија, потенцираше пратеникот.

Откако предлогот на опозицијата беше одбиен, Милошоски потенцираше дека селективната амнестија каква што нуди овој предлог Закон е еднаква на селективна правда која пак на крајот е еднаква на неправда. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ посочи  дека амандманот кој го предлага опозицијата е во интерес на правдата во однос на настаните од 27 април. Имено тој го цитираше и професорот Гордан Калајџиев кој важи за силен поддржувач на политиките на СДСМ кој неодамна изјави дека доколку има било каква амнестија за настаните од 27 април таа мора да биде целосна за сите, неселективна.

Вака да дадам едно кратко објаснување кое што е повеќе правничко, студентите по право учат дека кога се збори за амнестија, се збори за амнестија за сите учесници во одреден настан кои што општеството решило да го затвори во интерес на некоја повисока заедничка цел. Кога се оди поименично тогаш станува збор за помилување. Така што она што вие што го кажавте дека ова е еден вид политичка милост не им прави услуга на тие кои што ќе го искористат, бидејќи политичка милост значи поименично одредување кој за нешто е виновен, а кој ќе биде прогласен дека не е виновен. Амнестијата се однесува за настан, доколку се однесува амнестијата за настан треба да биде опфатен цел настан, ако има исклучоци во настанот, која група смее, а која група не смее да поименично да биде корисник на политичкото решение за закон за амнестија, тогаш веќе се прави селективна амнестија и пак ќе ви повторам, не мора да се согласите со мојот став. Го искажува ставот на професорот Калајџиев кој што е професор на правниот факултет и е поддржувач генерално на политиките на актуелното владеачко мнозинство.  Барем беше во изминатиот период. Тој спомена  на една дебата на 10-ти декември каде што кажа, селективната амнестија значи селективна правда, селективната правда е еднаква на неправда. Затоа добро е доколку се збори за амнестија да има целосна амнестија, заклучи тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.