Милвоки Бакс се пласираа во вториот круг по 18 години

Екипата со најдобриот сооднос на победи и порази во конференцискиот дел од НБА сезоната, Милвоки Бакс се пласираа во вториот круг од доигрувањето во Источната конференција елиминирајќи го Детроит Пистонс со чисти 4-0 во победи, а во четвртиот дуел одигран на гости Бакс победија со 127:104.

Домашните Пистонс добро играа до 30-та минута од мечот, а во средината на третата четвртина имаа и водство од 83:75, но до крајот на дуелот Бакси постигнаа 52 а примија само 21 кош, за на крајот да дојдат до убедлив триумф.

Јанис Антетокунмпо со 41 кош постави нов рекорд на кариерата по бројот поени во плеј-офот, а на тоа додаде и девет скокови, додека Крис Мидлтон додаде 18 коша за победниците. Додека имаа сила, Пистонс во игра ги одржуваа Реџи Џексон со 26 и Блејк Грифин со 22 коша.

Милвоки со ова ја оствари првата вкупна победа во доигрувањето по 18 години, а во вториот круг ќе играат против Бостон Селтикс кои исто така со 4-0 во првиот круг ги елиминираа Индијана Пејсерс.

За Детроит, пак, ова беше трето последователно испаѓање со 0-4 од доигрувањето, по 2009 и 2016 година кога добија „метла“ од Кливленд Кавалирс. А ова им е вкупно 14-ти последователен пораз во постсезоната со што поставија нов негативен рекорд во НВА лигата. Последната победа во доигрувањето Пистонс ја остварија дури на 26-ти мај 2008 година во четвриот натпревар од финалето на Источната конференција против Бостон Селтикс, следаа уште два пораза од Селтикс во истата серија, осум последователни порази од Кливленд Кавалирс и овие четири од Милвоки Бакс.

Јута Џез не дозволи да му се повтори судбината на Детроит, во четвртиот дуел со Хјустон Рокитс играна во Солт Лејк Сити, „Џезерите“ ја остварија првата победа во серијата славејќи со 107-91, па сега тимот од Тексас води со 3-1. Пред четвртата четвртина Рокитс водеа со 79:76, но Донован Мичел одби да се предаде, тој во последните 12 минути урли 19 поени за Џез кои овој дел го добија со 31:12.

Мичел мечот го заврши со 31 кош, Џо Кроудер додаде 23 поени, а Рики Рубио 18 со 11 асистенции. Во редовите на Рокитс најдобри беа Џејмс Харден со 30 коша ио Крис Пол со 23 поени, 8 скоковои и 7 асистенции, но немаа поддршка од играчите од клупата кои заедно постигнаа само пет поени.

Петтиот натпревар на истите ривали ќе се игра во Хјустон ноќта меѓу средата и четвртокот.