Платите во администрацијата се мали, вели Минчев, но бараните 30 отсто се преголема сума

По најавата за протест на 14 јануари на вработените во дел од министерствата, доколку не се прифати барањето да добијат 30 проценти додаток на плата, министерот за јавна администрација Горан Минчев изјави дека протестот е демократско право.

Во интервју за ТВ 24, тој кажа дека тоа прашање треба да се разговара со повеќе министерства, пред се во Министерството за  финансии, „за евентуални дополнителни средства“ во државниот буџет со кој ќе се овозможат тие 30 отсто.

-Јас сметам дека таа сума е преголема. Факт е дека платите во администрацијата се мали, но постојат две опции – еден колективен договор за сите, но и индивидуални колективни договори за секоја институција посебно, рече Минчев.

На прашањето дали ќе им се одговори на барањата на вработените со зголемување, одговори дека тоа ќе биде доколку се најдат средства што ги обезбедува Министерството за финансии, нагласувајќи дека е потребно време затоа што затекнале „огромни дупки во буџетот“ и, како што рече, „не може преку ноќ да се решат проблеми наталожени 30 години наназад“.

Со претседателот на синдикатот на УПОЗ, рече,  имал средба на која се договориле во писмена форма да ги достават своите забелешки за законите за јавна администрација со кои не се согласуваат и во втората половина на идната недела повторно да имаат средба „за да разговараат за се она што може да послужи за подобрување на овие законски решенија“.

До 27 јануари на ЕНЕР (Електронскиот национален регистар на прописи) завршува 30-дневниот рок за јавна расправа за четирите предлог-закони за реформи во јавната администрација – Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници и Законот за инспекциски надзор.

Минчев истакна дека во изминатите пет месеци е креиран овој пакет четири закони кои, рече, се „почеток на реформи во јавната администрација“, и дека биле вклучени  синдикати, експерти, академската фела, невладини домашни и странски организации и сите засегнати страни.