Минимална плата од 900 евра во Шпанија

Шпанската малцинска социјалистичка влада се договори со левичарската Подемос за зголемување на минималната плата и зголемување на даноците за најбогатите.

Ова е многу важен чекор за буџетот на Шпанија за 2019 година и најголемо зголемување на минималната плата во изминатите 40 години.

Минималната месечна плата ќе биде зголемена за 22% на 900 евра од досегашните 736 евра, ако биде усвоен буџетскиот план за следната година, објави „Associated Press“.

Исто така се планира зголемување на даноците за приход и недвижен имот на богатите семејства, како и давање надлежност на локалните влади да го регулираат пазарот за изнајмување недвижнини.

Со ова зголемување на висина на минималната плата, Шпанија останува меѓу десетте земји членки на ЕУ со највисок минималец, но нема да се помести од осмата позиција. Највисока минимална плата во ЕУ има Луксембург – 1.687 евра.