Минималната плата ќе се зголеми во првиот квартал од 2023, вети Ковачевски

Ќе има зголемување на минималната плата во првиот квартал идната година и тоа е во согласност со методологијата што беше направена на почетокот на мандатот на оваа Влада која јас ја предводам. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски кој смета дека има елементи за зголемување на продуктивноста на трудот.

– Сметам дека економијата може соодветно да одговори на ова зголемување. Јас директно бев вклучен во разговорите за зголемување на минималната плата и во разговори со компаниите од стопанските комори и од Технолошко-индустриските развојни зони, како и при претходното зголемување на минималната плата не постоеше поголем проблем, бидејќи најголем дел од платите во приватниот сектор се на повисоко ниво, особено за стручните позиции. Со зголемувањето на просечната плата се гледа дека сè повеќе се цени трудот на работниците – дециден е Ковачевски.

Трошоците за живот и порастот на просечната плата во согласност со последните податоци изнесуваат вкупно 24,6 отсто, кои според Законот за минимална плата во новата пресметка се земаат 50 проценти од тоа или 12,3 отсто, па доколку во моментот би се зголемувала минималната плата, според пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), таа би изнесувала 20.107 денари.