Економско-социјалниот совет утре ќе одлучува за висината на минималната плата која, според претходните најави треба да го помине прагот од 20.000 денари и треба да изнесува 20.107 денари или 330 евра. Како што најави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, новиот износ на минималната плата ќе влезе во пресметките на работодавачите за мартовските плати што работодавачите ќе ги исплатат во април.
Минималната плата е воведена 2012 година и оттогаш инфлацијата до сега е порасната за 60 насто. Синдикалците велат дека не држи тоа што власта има намера минималната плата да ја претстави како раст на сите плати.
Во време кога бизнисот се соочува со недостиг на работна сила, Ангел Димитров од Организација на работодавачи, апелира сите плати да се зголемат, за да нема мала разлика меѓу примањата на вработените со повисоко образование.
Вака, само со растот на минималецот, останатите вработени на повисоките позиции нема да бидат стимулирани да работат.
За да не се дестимулираат оние со високо образование, кои земаат блиску до минималната плата, најдобро е сите плати да се зголемат за 2,175 денари, додава Димитров
Инаку од овој месец и сметките на 340 илјади пензионери ќе бидат повисоки за 6,8%. Согласно усогалсувањето кое се прави 2 пати годишно, најниската пензија од скоро 11,000 денари ќе биде зголемена за 750, додека највисоката од над 64 илјади – ќе изнесува 69.000 денари.