Минималните месечни животни трошоци стасаа до речиси 800 евра

Сојузот на синдикатите на Македонија изминатиот период аргументирано укажува дека животот на македоснкиот работник и граѓанин станува прескап и дека сѐ повеќе работници работат, а се сиромашни и не можат да си ги овозможат ниту основните прехранбени продукти за прехранување на нивното семејство, стои во Фејсбук статусот на Сојузот на Синдикати на Македонија.

-Последните податоци од Синдикалната минимална кошница покажуваат дека во август на едно четиричлено семејнство кое живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил само за овозможување на основните продукти за живот му биле потребни 41.295 денари, а кога истата ќе се зголеми за 16.8% инфлација или 6.937 изнесува 48.234 денари. Во пресметката не е ставен трошокот за еден ученик за набавка на потребните материјали за почетокот на учебната година кои според пресметките на ССМ изнесуваат околу дополнителни 6.000 денари. Додека Владата гледа розов свет околу себе и се занимава со прослави, сиромаштијата тропа на вратата на работниците и граѓаните во Македонија. Според податоците, само за храна и пијалоци во која се вклучени 63 производи, кои не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, туку ги изразуваат можностите, навиките и традицијата во исхраната, а вредноста на истите не се зема како просечна, туку како минимална вредност, биле потребни 18.324 денари или за 324 денари повеќе од минималната плата. Домувањето има две подгрупи: комунални трошоци, со пет елементи, и покуќнина, опрема за куќа и одржување, што ќе се следи преку 13 добра и за овозможување на истото биле потребни 12.493 денари. Хигиената има две подгрупи – личната хигиена со седум производи и хигиената на домот, исто со седум производи. Овие ставки се искажани по минимум количини по најниски цени и за истото биле потребни 2.808 денари. За превозот се вклучени минимални изразени трошоци, односно два месечни билети за превоз, работнички и ученички или студентски и се потребни 3.600 денари. Во авуст, 2.197 денари биле потребни за облеката и обувките вклучуваат набавка на по едно парче облека и обувки за секој член на семејството по сезони.
Во пресметката за култура се вклучени трошоците на три производи, и тоа еднаш месечно одење во кино и редовно купување на еден неделен и еден дневен весник и биле потребни 1.067 денари. Одржувањето и здравјето вклучува основни трошоци за лекарства( парацетамол, аналгин, кафетин и сл.), без лекарствата за хроничните болести и биле потребни 786 денари, истакнуваат од ССМ.

Не се вклучени трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, не затоа што не се потребни, туку затоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци, па доколку се пресметуваат и овие трошоци вредноста на истата би била многу повисока.
Ако овие податоци не се доволни за некој од креаторите на политиките веднаш да преземе мерки за помош и поддршка на работниците во овие моменти, гладни и сиромашни работници = социјалната револуција, додаваат од таму.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.