Минирани тела на над 150 загинати украински војници најдени во катакомбите на „Азовстал“

Руската војска при проверка на утврдените подземни коридори во челичарницата „Азовостал“ крај јужниот украински град Мариупол во кој речиси цел месец се криеја илјадници украински борци, пронашла фургон со 152 трупови на припадници на украинските воени и паравоени единици, изјави во вторникот портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков.

„Во текот на проверката на подземните структури во металуршкиот комбината Азовстал крај Мариупол, каде што се криеја нацистите од украинската формација Азов, руските војници открија изотермален фургон. Телата на 152 загинати милитанти и војници на украинските вооружени сили биле складирани во комбето со расипан систем за ладење“, изјави Конашенков на претпладневниот брифинг за медиумите.

Појасни дека при прегледот на комбето, руските деминери откриле четири мини поставени под телата на загинатите украински војници, а вкупната маса на поставениот експлозив била доволна да ги уништи сите останки од војниците.

„Како резултат на сослушувањата на заробените милитанти на Азов беше утврдено дека минирањето на телата е извршено по директна наредба од Киев“, истакна Конашенков.

Целта на ваквиот чин, додаде портпаролот на руската војска, била да се обвини Русија за намерно уништување на останките и спречување нивно предавање на семејствата за да се „спаси политичкиот углед на режимот во Киев и лично на (украинскиот претседател Владимир) Зеленски“, кој и покрај барањата на самите војници и нивните семејства не презема ниту воени, ниту политички дејствија да бидат извлечени од повеќемесечното опкружување.

Конашенков додаде дека во блиска иднина Русија ќе ѝ ги предаде на Украина телата на украинските војници и борци откриени на територијата на „Азовстал“.