Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ќе учествува на 9. издание на Годишната конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа, организирана од Глобалниот енергетски центар на Атлантскиот совет. Настанот ќе се одржи на 10 септември 2024 година, во Вашингтон, а на него ќе присуствуваат истакнати лидери и носители на политики за решавање на клучните предизвици во енергетската безбедност, трансатлантската соработка и енергетската иднина на Европа, поддржано од САД.
Како еден од клучните говорници на конференцијата, министерката Божиновска, заедно со американски и европски претставници за енергетика, ќе даде свој осврт на темите од значајност за секторот и енергетската безбедност во Европа. Учеството на министер од нашата држава на конференција од ваков калибар го потенцира активниот ангажман во унапредувањето на енергетската безбедност и негувањето на соработката со глобалните партнери.
„Конференцијата за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа е платформа за интеракција со клучните глобални енергетски лидери, а истовремено и можност за зајакнување на нашето влијание во регионалните енергетски дискусии. Со фокус на усогласување на енергетските политики на земјата со пошироките трансатлантски стратегии, преку зајакнување на партнерствата со американските и европските лидери и привлекување на потенцијални инвестиции, во пракса ја реализираме посветеноста на енергетската безбедност и одржливост, што всушност е и еден од приоритетите за кои потенцирав дека ќе се фокусираме како Министерство. На овој начин и со активно вклучување ќе добиеме рамноправен статус и третман при обликувањето на политиките што се однесуваат на геополитичките предизвици кои влијаат на регионот“, изјави министерката Божиновска.
Овој етаблиран настан претставува можност за приказ на енергетските приоритети на нашата држава на глобалната сцена и инволвираност во дискусиите за енергетската политика, безбедноста на снабдувањето и закрепнувањето на енергетскиот сектор во време на економска криза. Додека регионот продолжува да навигира помеѓу сложените геополитички тензии и тековната енергетска транзиција, оваа конференција ќе обезбеди платформа за С Македонија дополнително да ги зацврсти партнерствата во обликувањето на енергетската иднина на Европа.