Министерката Дескоска се сретна со делегација на Венецијанската комисија

Mинистерката за правда Рената Дескоска денеска во Министерството за правда се сретна со делегација на Венецијанската комисија предводена од шефот на делегацијата, Томас Маркерт.

На состанокот, информираат од Кабинетот на Дескоска, се разговараше за правниот аспект на измените и дополнувањата на Законот за употреба на јазиците, за кој Владата на Република Северна Македонија оваа година побара експертско мислење од Венецијанската комисија.

Министерката Дескоска изрази благодарност до членовите на Венецијанската комисија за севкупната помош и поддршка изразена во текот на целиот реформски процес во Министерството за правда, како и во однос на побараното мислење за Измените и дополнувањата на Законот за употреба на јазиците.

Таа истакна дека секое мислење на Венецијанската комисија се ценело и било имплементирано во законските решенија како во Законот за Судовите и Законот за Судскиот совет.

Во текот на дводневната посета која завршува денеска, претставниците на Венецијанската комисија остварија бројни средби со претставници на политичките партии, министри и претставници на правосудни органи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.