Министерката Рад: Нема да се прават списоци на странски работници

Според владиното соопштение, што го пренесуваат домашните медиуми, од компаниите и фирмите единствено ќе се бара да известуваат за бројот на вработените странци.

Демантот на владата доаѓа по бурната реакција на опозицијата и на дел од британската политичка јавност, на новите, заострени анти- имиграциски прописи, што ги најави министерот за внатрешни работи Амбер Рад.

На неодамнешната партиска конференција на владејачката Конзервативна партија, таа откри дека се подготвуваат нови мерки со кои треба да се запре напливот на мигранти во Британја, остро забележувајќи му на домашниот бизнис дека не води сметка за домашната работна сила.

Една од мерките е обврската, компаниите да прават списоци и да ги известуваат имиграциските власти за тоа колку странци имаат вработено, какви се нивните квалификации и зашто морало да се вработат странци, а не домашни, британски работнци.

Министерката Рад тоа го објасни со потребата „британските работни места, да бидат пред се за Британците“ и го стави во новите политика на владата, по референдумот за напуштање на ЕУ, објаснувајќи го како мерка за „повторно преземање на контролата“ врз границите.

Новите мерки веднаш ги одобрија антиевропските и проториевските весници, но тоа наидоа на остра осуда дури и во редовите на конзервативците.

Стив Хилтон, советник на поранешниот премиер Дејвид Камерон, ги отфрли предложените прописи како недостојни за Британија и ја запраша Рад дали во иднина компаниите ќе мора да ги обележуваат вработените, со посебни тетоважи за да се одделат странците.

Британската трговска комора, пак, мерките што ги нуди министерката , ги нарече „срамни“, а залагањето на министерката за нивна примена, како „срамен момент“ во британската историја.

Владата сега се брани дека Амбер Рад не била сфатена и дека се барало само да се регистрираат странците, за да се има контрола врз миграцијата.

Целата опозиција, меѓутоа, ја осудува владата на Тереза Меј дека „не знае што прави“, порачувајќи и оти ова не е начин за справување со миграцијата, затоа што вакви мерки само и наштетуваат на Велика Британија.