Министерот Бектеши најави разговори со Грција за прифаќање на нашите вакцинални пасоши

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека нема директни преговори со грчката влада за влез на македонски туристи кај јужниот сосед, бидејќи интерес на секоја држава е да има што повеќе туристи дома, но рече дека министерството за здравство ќе разговара со Грција да ги прифати нашите вакцинални пасоши.

„Ние директно не преговараме со грчката влада, имајќи предвид дека интерес на секоја држава е што повеќе туристи да има внатре дома, како што е и цел на Министерството за економија. Затоа ќе продолжиме да ги спроведуваме мерките за поттикнување на странските туристи да престојуваат во земјава, но истовремено да ги поттикнеме нашите домашни туристи да ги посетат нашите туристички дестинации. Како што веќе кажа и министерот за здравство, секако ќе разговараме да ги прифатат нашите пасоши ако треба такви пасоши да бидат доставени до грчката страна“, изјави Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање, на денешната прес-конференција.

Денеска во Белград беше грчкиот министер за туризам Харис Теохарис, кој кажа дека Грција ја отвора туристичката сезона на 14 мај и дека ќе ги признава сите вакцини, вклучително и руската и кинеските.