Министерот Хоџа чека решение од Антикорупциска за да ја смени сопругата од управител на фирмата

Премирот Зоран Заев изјави дека добил потврда од министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа дека тој има намера да постапи согласно укажувањата на Државната комисија за спречување на корупција во однос на управувањето со неговата семејна фирма. Хоџа за Плусинфо потврди, но сепак ќе почека да види што точно бара Антикорупциска.

– Сѐ уште не сум го добил решението од Антикорупциска. Ќе ги почитувам препораките на Комисијата. Ако укажувањето е да платам само глоба, ќе ја платам, ако Антикорупциска бара и смена тогаш ќе барама нов управител на фирмата. Сѐ уште не сум размислил кого ќе ставам – ни изјави Хоџа.

Заев во изјава за медиуми рече дека Хоџа го информирал во петокот дека има намера да постапи по укажувањето.

– Ние секогаш сакаме согласно сите укажувања на ДКСК да постапиме. Тој испрати апел до мене како претседател на Влада, Владата веднаш да постапи по укажувањето, испорачавме соодветно на законот и согласно тоа и тој лично да си постапи по укажувањето, односно ако се сеќавам после неговото назначување на функцијата министер сопругата ја има ставено да биде управител на нивната семејна фирма каде што по Законот вели близок член на семејството е недозволиво, значи мора да стави друг управител. Ме информира дека тој лично ќе постапи, а секако испрати апел и до мене како претседател на Владата и Владата да постапи согласно укажувањата на ДКСК – вели Заев на новинарско прашање.

Антикорупциската комисија отвори постапка против Хоџа бидејќи во неговата семејна фирма по стапувањето на функциите, поставил блиско лице, односно сопругата да управува со компанијата, со што го прекршил законот кој тоа го забранува.