Министерот кој не го есапи Филипче – административците на Хоџа работат по 10 во канцеларија и без основни услови за хигиена

Трета недела по ред вработените од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство одат на работа и покрај препораките од страна на Комисијата за заразни болести вработените во државната и јавна администрација да работат во смени, дома или во ротации.

Имено, до нашата редакција пристигна писмо од повеќе вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои се жалат на ваквото неодговорно однесување од страна на министерот Аријанит Хоџа наведувајќи дека во канцеларија се по десетина лица, а немаат ниту основни услови за хигиена.

-Трета недела одиме на работа и покрај препораките од страна на Комисијата за заразни болести да работиме или од дома, во смени или во ротации. Во канцеларија сме по десет луѓе вработени, немаме никакви услови ниту пак средства за дезинфекција. Ова што ни го прават е нечовечки. Не револтира ваквиот нечовечки однос, исплашени сме за нашето здравје, но и здравјето на нашите најблиски. Почнаа да се зголемува бројот на заболени колеги, не знаеме која е причината од носење на препораки, кога самиот министер Хоџа не ги почитува. Владее страв и паника кај сите, но молчиме зошто стравуваме дека ако се побуниме може дисциплински да одговараме. Сега бидејќи нема што да прави, почна да ни испраќа списоци за присуство, се врши една тортура врз сите нас, стои во писмото од вработените во министерството.

Имено, владата одлучи од први февруари административците да се вратат на работа, но Комисијата за заразни болести се спротивстави на ваквата одлука, носејќи препорака државната и јавната администрација и понатаму да работи во смени, а од Министерството за здравство преку соопштение информираше дека препораките на комисијата остануваат на сила.

-Работата во државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, организирањето на работата останува иста, да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите. Во овој момент, здравствената ситуација со ковид-19 е само стабилна, но не и намалена и поради тоа не е дадена никаква препорака за олабавување на мерките и препораките. Граѓаните да продолжат да ги почитуваат мерките за заштита, затоа што даваат резултати, стои во соопштението од Министерството испратено на 29 јануари.

Дали ќе има одговорност за министерот Хоџа за непочитување на препораките од страна на Комисијата за заразни болести, е прашање кое треба да го дадат соодветните институции, но и самиот министер Хоџа која работи спротивно на одлуките и свесно го загрозува здравјето на преку 200 вработени административци.
За потсетување на јавноста, одлуката за одење на работа во ротации беше донесена во месец октомври минатата година.