Министерот Наумоф на Сицилија ги претстави можностите за инвестирање во Македонија

Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф е во официјална посета на Сицилија, Италија каде ги презентира можностите за инвестирање во Република Македонија пред високи претставници на големи италијански компании.

Министерот Наумоф е главен говорник на бизнис форумот кој се одржа во деловниот објект на “Confindustria” (најголемото италијанско здружение на менаџери и претприемачи). Овој настан беше организиран од Алесандро Дагнино, партнер на позната правна компанија во Италија која има свои канцеларии во Милано, Рим и Палермо.
Дагнино ќе отвори своја канцеларија во Скопје со цел давање на правни совети и поддршка за италијанските инвеститори.

Министерот Наумоф исто така оствари официјални средби со сопственици на компании од Сицилија но и од другите региони на Италија. Овие компании кои работат интернационално покажаа голем интерес за инвестирање во Македонија.
Многу од потенцијалните италијански инвеститори беа позитивно изненадени и видно заинтересирани да дознаат повеќе за конкурентната, про – бизнис клима во Македонија.

Некои од нив веќе ја потврдија својата намера за индивидуални посети во месец јули со цел директно да се разгледаат можностите за инвестирање во Македонија.

Покрај тоа, министерот Наумо се сретна и со генералниот секретар на регионалниот парламент, како и претседателите на двете најмоќни деловни асоцијации – Стопанската комора на Сицилија и Комората на млади бизнис Претприемачи на Палермо.
Како резултат на ова патување во текот на ова лето и есен е предвидено две бизнис делегации да ја посетат Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.