Министерот Нуредини им верува само на државните мерни станици

Министерот за животна средина, Насер Нуредини вели дека сите апликации што покажуваат евентуално загадување на воздухот можат да бидат од корист, но оти официјални се бројките само на Министерството за животна средина.

– Гледајте сè, не верувајте во сè! Сите апликации што покажуваат евентуално загадување на воздухот можат да бидат од корист, но оти официјални се бројките само на Министерството за животна средина – вели Нуредини.

Според него, рангирањето на земјава како најзагадена во светот може да има и комерцијална позадина.

– Ние имаме 21 плус една мобилна мерна станица. Тие се сите според стандардите на Европската агенција за животна средина. Тие се многу скапи мерни станици, повеќе од 100 илјади евра, нашите закони се усогласени според европските директиви и ние инвестираме само во такви мерни станици. IQAir мислам дека е на приватен портал од Швајцарија, второто е компанија што продава филтри за домаќинства. Ние секогаш им велиме на граѓаните да имаат вакви апликации, но нашите мерни станици се единствените во државата кои даваат податоци кои се точни – потенцира Нуредини.

Во моментот сите мерни станици на Министерството се во функција.