Министерот потврди дека здравствените работници нема да го добијат зголемувањето од 5 отсто

Министерот за здравство Венко Филипче во средата ги потврди медиумските пишувања дека вработените во здравството нема да го добијат најавеното покачување на плата од 5 отсто, пресметано во платата.

„Имавме бројни состаноци со претставници на Синдикатот, една од причините беше да се најде начинот како да се исплати, дали да биде дел од анексот. Покачувањето доаѓа како поддршка преку кредитот на Светска банка и не може да се пресмета во основната плата, ќе биде како бонус, односно додаток“, изјави Филипче.

Посочи дека завршени се сите процедури и до крајот на месецот вработените во здравството ќе го добијат покачувањето од пет проценти за месец март.

Според информациите кои ги објави Курир, вработените во здравството мартовската плата нема да ја добијат со најавеното покачување за пет проценти.

Вработени од повеќе здравствени установи и клиники информираа дека во платата која се подготвува за исплата не е пресметано најавеното покачување.

Според неофицијални информации, обезбедени се пари за најавеното покачување на платите, но само за неколку месеци. Информациите до кои дојдовме велат дека вработените во здравството покачувањето ќе го добијат понатаму, но не како зголемување на платата, туку во вид на исплатен додаток.

Министерот Филипче на 9-ти март преку објава на фејсбук информираше дека започнувајќи од мартовската плата ќе има зголемување на платите за сите вработени во здравствениот сектор за пет проценти.