Министерот за здравство ја критикува Меркел во кампањата за водство на CDU

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан повторно ја критикуваше мигрантската политика на канцеларката Ангела Меркел, подигнувајќи го интензитетот на својата кампања чијашто цел е во декември да ја замени на челната позиција во владејачката Христијанско-демократска унија (CDU).

Во текстот кој го напишал за националниот дневен весник Frankfurter Allgemeine Zeitung (FAZ) кој ќе биде објавен во четвртокот, министерот за здравство Јенс Шпан наведува дека политиките за мигрантите се најважната причина зошто CDU ја загуби довербата на своите избирачи. Имигрантската политика на канцеларката Ангела Меркел ја опишува како „слон во соба“.

Триесет и осумгодишниот Шпан е еден од тројцата политичари од CDU кој имаат амбиции да застанат на чело на партијата на конвенцијата во декември, откако Меркел претходно седмицава најави дека нема повторно да се кандидира, но дека ќе продолжи да ја извршува кацеларската должност до крајот на мандатот во 2021 година.

Шпан натаму во текстот ги повикува CDU и баварската сестринска партија Христијанско-социјална унија (CSU), да ги разрешат меѓусебните конфликти околу одлуката на Меркел од 2015 година со којашто ги отвори германските граници за повеќе од милион имигранти, главно од Блискиот исток и северна Африка.

Исто така, Шпан тврди дека и покрај негирањето, проблемот со миграциите се’ уште е актуелен. Во Германија и натаму доаѓаат „годишно нередовно, претежно машки имигранти“ за коишто вели дека ги има веќе околу 200.000 луѓе. Истакнува дека ветувањата оти надворешните граници на Европската унија ќе бидат заштитени не се одржани, како и дека распределбата и интеграцијата на имигрантите според квотите не постигната.

Шпан, меѓу другото, ги негира тврдењата за тоа дека планирал CDU да ја поведе кон десницата, велејќи дека неговата цел е да ги претстави политиките на здравиот разум, цивилизираните вредности и интегритетот.