Министерот за земјоделство на Грција сам ќе плати настан што чини 12 илјади евра

По реакциите во грчките медиуми и по дискусија со пратеникот од СИРИЗА, Костас Захариадис на утринска дебатна емисија, министерот за земјоделски развој и храна на Грција, Макис Воридис, ја отповика одлуката, од државниот буџет да искористи 12 илјади евра за настан за кршење новогодишна пита со паричка за вработените во министерството и нивните семејства, јави дописничката на МИА од Атина.

Но, отповиканата одлука не значи и откажување на настанот, закажан за попладнево, туку министерот сам ќе ги покрие трошоците.

Одлуката за користење на износот од 12 илјади евра, според медиумите, уште од мината седмица е објавена на сајтот за транспарентност и беше главната тема при гостувањето на Воридис во грчката телевизија „Open“, заедно со пратеникот од СИРИЗА, Захаридиас.

Грчкиот министер рече дека трошоците за новогодишната пита со паричка, заедно со свеченоста ќе ги покрие сам од оштетата добиена во процесот со поранешниот коалиционен партнер во владата на СИРИЗА, Панос Каменос.

-Ќе го сторам следното: ќе ја отповикам мојата одлука, а настанот ќе се одржи и ќе го платам јас, да бидеме јасни. Ќе го платам јас. А бидејќи не сум богат за лесно да можам да дадам 12 илјади евра, ќе ги земам од, се сеќавате на едно од убаво обесштетувањето што ми го даде коалициониот партнер на господинот Захариадис, господинот Каменос за лична навреда? Ми плати 40 илјади. Од овие 40 илјади ќе го одржам настанот за вработените, рече Воридис.