Министерство за култура: Кривичната пријава е можност еднаш засекогаш да ги разобличиме безочните лаги на СДСМ

Најавата од СДСМ за покренување на кривична пријава претставува уште една убава можност во судска постапка еднаш засекогаш да  ги разобличиме безочните лаги со кои СДСМ и нејзиниот портпарол веќе подолго време ја манипулира македонската јавност, велат од Министерството за култура реагирајќи на изјавата на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов во која тој рече дека партијата поднела кривична пријава против министерката Елизабета Канческа Милевски, поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и советниците на ВМРО ДПМНЕ во претходниот состав на Советот на општина Центар.

„Воедно сакаме да информираме  дека согласно Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја во  член 5 јасно и децидно стои кој може да поднесе иницијатива  за подигање меморијален споменик и спомен обележје, а тоа се сите физички лица и правни лица. Под физички лица се подразбираат сите граѓани на РМ, а под правни лица сите правни субјекти во РМ (државни институции, установи, здруженија на граѓани, трговски друштва и тн). Значи согласно Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја секој може да поднесе иницијатива за подигање на меморијален споменик и спомен-обележје. Поднесувањето на иницијативата не претставува кривично дело. Иницијативата по својата суштина е демократско право на сите во Република Македонија. Забраната за поднесување на иницијативи е спротивно на демократските процеси и е одраз на тоталитарниот ум кој сеуште владее во СДСМ“, се вели во реакцијата од Култура.

Потсетуваме, велат од министерството, дека и лажното пријавување е кривично дело само по себе согласно член 366 од кривичниот законик на Република Македонија.