Министерството за култура раскина договори вредни над милион евра, „под мраз“ ставени проекти од национален интерес

Владата праќа финансиска котрола во Министерството за култура за да откире дали проектите од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес за 2020 година биле законски избрани.

„Владата го задолжи Министерството за култура да не ги исплаќа парите на корисниците без да ја утврди законската основаност за тие средства. Владата го задолжи Министерството за финансии да изврши контрола во Министерството за култура кое пак ќе треба да ја информира Владата за мерките преземени по наодите од извршените контроли.“ – велат од Владата на РСМ.

По ваквата одлука на Владата донесена на вчерашната седница, Министерството за култура раскинало авторски договори вредни повеќе од еден милион евра. Од таму велат дека не можат да споделат повеќе детали по завршената внатрешна контрола затоа што веќе е започната истрага за тоа како биле склучени сомнителните договори.

„Од септември 2020 до крајот на јануари 2021 година, поради нереализирани проекти и неуредна финансиска документација, министерството раскина договори вредни над 1 милион евра. Наодите од внатрешната ревизија се доставени до Министерството за финансии, до Финансиската полиција и до Антикорупциската комисија. До завршување на финансиските контроли, министерството нема да ги исплаќа парите кон другите корисници.“ – велат од Министерство за култура.

Од министерството не прецизираат за кои проекти точно станува збор и кои се авторите на проектите со кои ги раскинале договорите.

Во соопштението што Министерството за култура го објавило во февруари минатата година, меѓу другото пишува дека, пристигнатите пријави биле разгледувани од стручните комисии, составени од реномирани професионалци кои при селекцијата на пријавите особено внимавале да овозможат правична, квалитетна и соодветна распределба на парите од Буџетот.

Проектите се доделуваат во десет дејности на граѓански организации, уметници, стручни работници, манифестации, фестивали, интердисциплинарни иницијативи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.