Министерството за образование му должи на ЈСП околу 2 милиона евра за бесплатниот превоз на учениците, утре протест пред Владата

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје апелира и бара од Владата, општините и сите должници кон претпријатието во најкус можен рок да ги исплатат своите обврски со цел да се овозможи негово нормално функционирање.

„Во моментов Владата, односно Министерството за образование, има долг кон ЈСП од 120 милиони денари или околу 2 милиони евра за бесплатниот превоз на учениците и студентите. Дополнително неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари, истакна на денешната прес конференција, Зоран Глигоров, секретар во ЈСП.

Тој додаде дека, долговите кон ЈСП кои се бројат во милиони евра го оневозможуваат нормалниот работен тек на претпријатието и создаваат проблеми во секојдневната работа, односно исполнување на обврските кои претпријатието ги има кон своите доверители и обврската за исплата на плати кон вработените.

-Во услови на економска и енергетска криза кога цените на горивата речиси секојдневно растат, во услови во кои ЈСП Скопје има заостанати долгови наследени од претходните раководства на претпријатието, недозволиво е државните институции да се однесуваат игнорантно и да не ги исполнуваат своите обврски. Скопјани заслужуваат квалитетна и редовна услуга, но бидејќи Владата и општините не ги исполнуваат своите обврски, претпријатието најавува дека од утре среда 12 часот ќе отпочне со протест пред Влада ссѐ до подмирување на долговите кон ЈСП, додаде Глигоров.