Министрите Исмаили и Шуганг го најавија Форумот за културна соработка на Иницијативата „17+1“ 

Министерот за култура на Република Северна Македонија, Хусни Исмаили, и министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг, кој ја предводи кинеската делегација на 4. Министерски форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, чиј домаќин е државава, ги посетија Охрид и Струга.

Во Охрид високата делегација беше пречекана од градоначалникот Константин Георгиески, соопшти Министерството за култура. Во рамките на посетата на Охрид, делегацијата од Народна Република Кина ги посети „Галеријата на икони“, црквата „Света Богородица Перивлепта“, археолошкиот локалитет „Плаошник“ и црквата „Света Софија“, каде што имаше можност да се запознае со богатото културно наследство на овој град. За време на посетата, делегацијата прошета и низ Старата охридска чаршија, а посети и работилница за рачна изработка на хартија.

Четвртиот министерски форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ, на кој ќе присуствуваат делегации од земјите учеснички во Процесот „17+1“, официјално започнува утре во Скопје.

Во рамките на Форумот ќе се одржи панел-дискусија на која покрај министрите на Македонија и на НР Кина ќе се обратат министри, заменици-министри и други членови на делегациите од сите земји од Процесот, по што треба да биде усвоена Скопската декларација за соработка за наредните две години, стои во соопштението на Министерството за култура.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.