Минусот на граѓаните во банките е 86 милиони евра

181

Колку и да е висока каматната стапка на минусните салда на картичките, сепак населението максимално ја користи оваа банкарска „услуга“, пишува „Утрински“.

Го поевтинуваат ли банките во земјава минусот на тековните сметки? Иако каматните стапки на негативните салда се меѓу највисоките, кај нив се забележува значајно намалување во последниов период. Односно, ако каматите на минусите во февруари минатата година изнесувале 10,1 отсто, во вториот месец од годинава тие се симнале на 9,4 проценти, односно за период од една година има намалување за 0,7 процентни поени. Она што е забележливо за овие камати, е дека тие се намалиле и на месечна основа, односно за 0,2 процентни поени во однос на јануари годинава, што не е карактеристично за другите видови камати, кои главно задржуваат идентични стапки како и во јануари.

А граѓаните, колку и да е висока каматната стапка на нивните минуси во банките, сепак ја користат максимално оваа „услуга“ што им ја нуди банкарскиот сектор. Односно, дури 86 милиони евра тежат вкупните негативни салда што граѓаните во земјава ги имаат кај македонските банки, покажуваат податоците за февруари на централната банка. Во истиот месец минатата година вкупните минуси на тековните сметки во нашите банки имале сума од 82 милиони евра, што значи има годишен пораст за четири милиони евра. Во јануари годинава, пак, тие изнесувале 87 милиони, за во февруари благо да се намалат за околу еден милион.

И додека банките ги спуштаат каматите на минусите на тековните, тоа не важи и за каматните стапки на кредитните картички. Тие и во февруари годинава остануваат на ниво од 10,8 отсто, исто колку што изнесувале и пред една година.

А населението, пак, колку и да се високи каматните стапки, нема намера да се откаже од животот на картичка. Односно, износот на искористени средства по основ на кредитни картички во февруари годинава бил на ниво од 195 милиони евра, што е речиси идентична сума со 196 милиони колку што граѓаните биле задолжени по основ на кредитни картички во вториот месец од минатата година. Значи, заклучокот би можел да биде дека македонските граѓани не можат без кредитните картички, но не сакаат ни да се впуштат во поголеми долгови од оние што досега ги имаат направено преку користење на овие „пластични кредити“.

Во јануари годинава, пак, износот на вкупни долгови по картички достигнал 197 милиони евра, за еден месец подоцна да се намали за безмалку два милиони.

Односно, може да се забележи дека најголем пораст на минусите и на долговите по кредитни картички се случил во јануари, што е логично за овој „најдолг“ и најтежок месец во годината, додека, пак, веќе во февруари граѓаните малку се обиделе да се стабилизираат во однос на овие задолжувања.

Инаку, просечната каматна стапка на сите видови кредити што се одобрени во земјава во февруари годинава се задржала на 7,3 отсто, исто колку што изнесувала и во јануари, но во однос на февруари лани сепак има пад за половина процентен поен.

За исто толку се намалила и просечната камата на депозитите, односно од 3,1 отсто колку што била во февруари лани, во овој февруари се намалила на 2,6 отсто, додека нема промена во однос на првиот месец од годинава.

Поголем пад на каматите има на денарските депозити, кои своевремено важеа за најатрактивни за граѓаните, бидејќи се многу повисоки од оние на влоговите што се чуваа во девизи. Но, со тек на време тие најмногу одат надолу, па ако во февруари лани биле на ниво од 4,6 отсто, во февруари годинава се симнале на 3,8 отсто, односно кај нив падот е за цели 0,8 процентни поени за една година.

Инаку, ако се набљудуваат каматните стапки на негативните салда на тековните сметки во странска валута, како и на кредитните картички во странска валута, ќе се забележи дека кај нив, наспроти постојаниот пад на сите други каматни стапки, има благо зголемување. Односно, каматите на минусите во странска валута од 5,9 отсто во февруари лани, во овој февруари имаат минимален пораст од 0,1 процентен поени. Зголемувањето е поизразено кај кредитните картички во странска валута, кои од 7,3 отсто во февруари лани, во јануари годинава дошле до 7,4 отсто, а во февруари годинава достигнале 7,7 проценти, значи за една година има пораст за 0,4 процентни поени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.