Миовски постигна два гола во победата на Абердин против Сент Мирес

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски тргна извонредно за својот нов клуб Абердин, а после воведниот гол во Лига Купот, денеска ги даде сефте головите во шкотскиот Премиершип, два во победата со 4-1 против Сент Мирес, што уште повеќе го издарува тренерот на култниот тим, Џим Гудвин.

Миовски има три гола на три официјални мечеви на кои играше, а брзо фати гол-ритам иако мина две недели под посебна програма и индивидуална подготовка поради бирократскиот процес за добивање на работна дозвола после трансферот од МТК, па Гудвин сега најавува дека допрва навивачите и целата шкотска јавност ќе го видат вистинскиот Миовски.

„Многу ми е мило за Бојан, а сѐ уште е на 75 отсто од подготвеноста од таа каква што сакаме да биде. Но, и во минатата недела ги видовме неговите квалитети, свежината допрва ќе дојде, но неговиот карактер и напорната работа за неколку недели ќе ни го донесе најдобриот Миовски каков што го посакуваме. Извонреден фудбалер, само 23-годишен, технички фантастичен, но тоа што е најважно е секогаш знае да се најде таму каде што треба. Фантастично е да се гледа“, рече Гудвин после победта,

Миовски за 624.000 евра летово направи трансфер во Абердин, а шкотските медиуми после само две кола го посочија како полн погодок за клубот со неговиот ангажман. Навивачите на клубот, пак, се воодушевени од стартот на Македонецот и од него оечкуваат уште многу голови во новата сезона во која главна цел на Абердин ќе биде излез во Европа.