Миовски: Предвреме ја завршив сезоната, но добра вест е тоа што нема скршеница

Македонскот репрезентативец Бојан Миовски ги сподели првите информации поврзани со неговата повреда на глуждот на левата нога. Напаѓачот на Абердин во средата се повреди по еден груб старт на противнички играч и натпреварот со Сент Мирен го заврши по само 34 минута.

По завршувањето на овој натпревар, на кој Абердин славеше со 3-0 и обезбеди меѓународна сцена, Миовски со објава на социјалните мрежи ја објасни моменталната состојба со повредата. Добро е што нема скршеница, но за него сезоната е завршена.

„За жал, предвреме ја завршив сезоната со повреда на зглобот, а добрата вест е дека нема скршеница. Утре ќе имам дополнителни прегледи на лигаментите. Ви благодарам на сите за пораките, ќе се вратам посилен“, напиша Миовски на социјалните мрежи.

Тоа значи дека Миовски нема повеќе да го видеме во дресот на Абердин оваа сезона, а допрва ќе биде познато дали воопшто ќе може да конкурира за натпреварите за Македонија со Украина и Англија идниот месец во квалификациите за Европското првенство во Германија.