Мирно и масовно во Атина одбележана 49-годишнината од студентскиот бунт против хунтата

Со масовно учество на илјадници граѓани на различна возраст, мирно и без никакви проблеми, но под силно полициско обезбедување со традиционален протестен марш до Американската амбасада во Атина, беше одбележана 49-годишнината од студентскиот бунт против хунтата во Грција, јави МИА од Атина.

На протестот од Политехничкиот факултет, односно од местото каде што започна бунтот во 1973 година, до Амбасадата учествуваа и студентски здруженија, претставници на грчките опозициски партии, синдикати, здруженија на вонпарламентарната левица и други.

За безбедноста во Атина беа ангажирани над 5.500 полицајци, дронови и хеликоптер, полицајци во цивил, како и цистерни со топови вода.

Протести се одржаа и во други грчки градови, а во Солун и Патра имаше инциденти меѓу групи маскирани лица и полицијата.