„Мирор“ најави заминување на Роналдо од Манчестер Јунајтед

Ерик тен Хаг за неколку недели го напушта најтрофејниот холандски клуб Ајакс и се сели во редовите на англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед каде веднаш ќе почне со составување на тимот за новата клупска сезона. Убедливо најголемо име кое треба да си замине од „Олд Трафорд“ за време на летниот преоден рок е тоа на португалскиот интернационалец Кристијано Роналдо, пишува британскиот таблоид „Мирор“.

Истиот медиум објави дека Роналдо не е во плановите на идниот менаџер и дека првиот чекор кон најавената играчка реконструкција е продажба на најдобриот фудбалер на „црвените ѓаволи“ во актуелната сезона.

„Мирор“ пишува дека Кристијано не е ни малку загрижен поради одлуката на Ерик тен Хаг затоа што веќе се има договорено со новиот клуб.

Како што пишува британскиот медиум, Роналдо, најверојатно ова лето повторно ќе се врати во редовите на новиот шампион на Шпанија, тимот на Реал (М). Јунатед во новата сезона нема да биде дел од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, а Роналдо има премногу години за да не игра во елитното друштво.

„Мирор“ додава дека Роналдо е во постојан контакт со претседателот на „кралскиот клуб“, Флорентино Перез, кого лично го информирал дека сака да се врати на „Сантијаго Бернабеу“ иако е сфесен дека во новата сезона ќе има далеку помала минутажа. Иако има уште една сезона од актуелниот договор со Јунајтед, британскиот таблоид шпекулира дека Роналдо ќе биде достапен за Реал (М) со понуда која нема да биде помала од 10 мил. евра.