Мисајловски: Има позитивно расположение и атмосфера меѓу народот за сигурна победа на ВМРО-ДПМНЕ

Народот навистина сака промени, сака нешто да се смени што побрзо. Илјадници домови посетивме, имавме и доста митинзи. Ќе ја оценам како позитивна кампања бидејќи нудиме многу нови проекти, многу работи можевме да слушнеме што се очекува, нови луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, една нова енергија и на крајот од денот она кое што го кажувавме е да создадеме нова иднина, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски во гостување во дневникот на телевизија Канал 5.

Мисајловски ја искористи приликата на ден пред изборниот молк, да ги повика граѓаните да излезат на гласање на 17ти октомври се со цел да се случат промени во државата, укажувајќи дека има добро расположение помеѓу народот за победа на ВМРО-ДПМНЕ.

-Во овој момент ќе ги повикам сите што помасовно да излезат на 17ти октомври, да не седат дома бидејќи оние кои седат дома не можат да одлучат. Затоа некои други да не излезат за нив, нека излезат масовно и да направи промени во Република Македонија, нагласи Мисајловски.

„Нема да лицитирам со бројки, но можам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе победи, и тоа го говорам на ниво на цела Македонија, атмосферата е одлична, програмите се одлични, расположението е опозициско и морам да потенцирам дека овој пат сме засилени со нови коалициски партнери, со здруженија на граѓани кои што не поддржуваат и се разбира се чувствува опозициската атмосфера и само да излезе што повеќе народ ќе видете дека ВМРО-ДПМНЕ со сигурност победува“, истакна тој.

На прашањето дали коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со дел од опозицискиот албански блок ќе стане трајна и за следните парламентарни избори, Мисајловски посочи дека поддршката за локалните избори е обострана и од ВМРО-ДПМНЕ и од Алијанса и Алтернатива за кандидатите за градоначалници, укажувајќи дека тие како опозициски партии соработувале во Собранието.

„Во Собранието како опозициски партии за многу закони, за многу постапки соработувавме, и соработуваме. Сега на овие избори им даваме поддршка за нивните кандидати за градоначалници, Алијанса и Алтернатива ги поддржуваат нашите градоначалници, во Скопје заеднички поддржавме независен кандидат и тоа е многу нормално. Но јас ќе ве потсетам за една друга работа, кога СДСМ беше толку голем критичар на ДУИ, ако се сетите ги нарекуваше канцер во општеството, дека се зло, дека се криминалци, а сега гледаме дека таму има еден убав брак односно брак од интерес. Они нека си тераат со нивната агенда, а ние сите заедно опозициски ќе работиме да ги смениме и да ги пратиме во историјата“, потенцираше Мисајловски.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.