Мисајловски: Многу наскоро ќе бараме брзи предвремени избори, ВМРО-ДПМНЕ му дава целосна поддршка на Мицкоски како повторен лидер на партијата

ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи конгрес на 12-ти декември на кој ќе се избира претседател на партијата, во следниот период ќе има јавен повик за кандидат за новиот лидер, засега претседателот Христијан Мицкоски ужива најголема доверба.

На седмицата на Централниот комитет на партијата во петокот вечерта донесена е одлука конгресот да се одржи во Скопје.

„Во наредните денови ќе има јавен повик, се разбира, согласно статутот секој да аплицира, оној што има шанси и што сака да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, ние како партија даваме целосна поддршка на претседателот и се надеваме дека секој што сака ќе може да се пријави, тоа ќе биде јавно, транспарентно и ги повикуваме сите граѓани да нѐ следат во следниот период, ќе има убави пораки од Централниот комитет“, изјави Мисајловски во гостувањето во Дневникот на телевизија Сител.

Додаде дека очекуваат во следните денови да слушнат што ќе се случува со мнозинството на СДСМ.

„Немаат ни договор со Алтернатива, дали ќе има нови пазари, во Македонија се е можно, но ние да си продолжиме по оној пат кој го тераме. Ние ќе си бидеме опозиција и ќе бараме брзи предвремени избори и се разбира со сите наши демократски алатки во брзо време ќе успееме“, рече Мисајловски.

Наведе дека ќе продолжат да комуницираат со сите партии и на локално ниво во многу општини каде победиле веќе имаат соработка.

Конгресот инаку ќе се одржи во спортската сала „Јане Сандански“ во скопската населба Аеродром.