Мисајловски: СДСМ и ДУИ со брзоплето потпишување на договорот дозволија Бугарија да ја напаѓа македонската историја

Клучна работа која СДСМ и ДУИ ја згрешија е што брзоплето го прифатија договорот со Бугарија. Една од најважните причини поради кои Македонија не сакаше да го потпише тој договор е заедничката историја. Од таму излегуваат проблемите, тоа е вирусот.

Ова го истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Владо Мисајловски, на Алсат телевизија.

„Кога ќе го погледнете тој вирус, постојано ќе има заболување. Самата доктрина и целата бугарска позиција секогаш ќе биде напад кон македонската историја, кон македонските војводи и војсковотци. Тоа никогаш нема да престане, тоа е стратегија и ќе трае многу долго време. Со тоа брзоплето потпишување, Македонија сега има големи проблеми и тоа ќе биде кочница во наредниот период“, рече Мисајловски.

Според него, треба партиите да излезат на избори и со своите програми да понудат опции на граѓаните, па народот да одлучи.

„Треба да излеземе со програма пред граѓаните и да ги прашаме нив. Референдумски дали под овие услови сакаат да влеземе во ЕУ или не сакаат. Тоа е многу важно. Кога граѓаните ќе го дадат мандатот, за нас како ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе биде нашата смерница. ВМРО-ДПМНЕ е народна партија, ние произлегуваме од народот“, порача тој.

Мисајловски потврди дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт ќе бара подобри решенија за овој проблем.

„Секој политичар од СДСМ кој нешто прифатил сега вели дека „Не може подобро“, „Не може да се преговара, тоа е крајно“. Сите политичари кои ова го бранеа и си заминаа од функција, а има многу такви, сега престанаа да го бранат тоа. Мораме да бараме решение за сите проблеми, но тие решенија не смеат да задираат во тоа што е најважно за македонските граѓани и сите граѓани во Македонија. Ние сме против промена на Уставот, но тоа не значи дека ние не сакаме да бидеме дел од Европа, порача Мисајловски.