Мисајловски: Се извинуваме за метежот во сообраќајот, но блокадите се со цел да се заштити македонскиот идентитет

Пред се сакам да им се извинам на сите скопјани, на сите кои ги користат булеварите, бидејќи знаеме дека правиме метеж во сообраќајот, но мораме така за да го качиме прашањето на пиедестал бидејќи е многу важно- Што се преговара во позадина? Заев си преговара заедно со Бучковски со нашите соседи, но никој не знае што договара, распродава, нераспродава… Ние знаеме какви се тие и дека може да се случи некое национално предавство и затоа повикуваме да се слушне гласот на народот.

Ова го истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски кој директно од протест пред МНР гостуваше во Алфа ТВ.

-Ќе видиме во Собрание во среда што ќе се случува по ова прашање, но ние остануваме на улиците, меѓу народот, рече Мисајловски и додаде: Ние сме свесни дека Заев со се може да тргува.

Мисајловски потенцираше дека блокадите кои ВМРО-ДПМНЕ ги организира мора да се случуваат, бидејќи во овој момент најважно нешто е договорот со Бугарија, односно распродажбите кои Заев и Бучковски се подготвуваат да ги направат. Ние го повикуваме народот да го чуе тоа, бидејќи подоцна ќе нема шанса за поправање на огромната штета, додава Мисајловски.

-Заев многу пати изминатите години лажеше дека идентитетот е бетониран, односно дека Македонците немаат за што да се грижат, но сите се уверивме дека тоа се само ноторни лаги и манипулации. Министерот Османи избегнува да одговори на многу прашања, но вети дека во среда ќе се појави и ќе даде одговор на прашањата на пратениците и сите граѓаните кои сакаат да ја дознаат вистината, истакна Мисајловски.

-Ние како ВМРО-ДПМНЕ се извинуваме на граѓаните за метежот кој што го предизвикуваме, но сакаме граѓаните да знаат дека тоа го правиме со цел да се заштити народот и државата, додека овие двајца политичари на бескрупулозен начин си поигруваат со чувствата на граѓаните и се она што ја тишти Република Македонија, вели Мисајловски.

-Се соочуваме со криминогени и несериозни политичари кои што не ја чувствуваат државата за своја, а тоа го докажуваат со своите постапки, бидејќи се спремни да тргуваат со се и сешто, па дури и со македонскиот идентитет. Ние како ВМРО-ДПМНЕ сме за преговори и за договори, но никако по цена на македонскиот идентитет. Токму затоа со блокадите сакаме да кажеме дека нема да отстапиме и ќе се бориме се додека власта не го чуе народот.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжи со протестите.

На седницата на Извршниот комитет одржана викендов во Битола, донесена е одлука за продолжување на протестите, поради како што информираат од партијата, спречување на националниот срам кој и се подготвува на Македонија од страна на Зоран Заев и неговите соработници.

Од партијата велат дека протестите продолжуваат затоа што Заев и Бујар Османи кријат за што се преговара и што се’ се подготвени да прифатат од бугарската декларација.

ВМРО-ДПМНЕ го повикува министерот за надворешни работи Бујар Османи да го покаже на македонската јавност документот кој го преговараат со Зоран Заев.

Протестите продолжуваат утре од 17:00 часот пред МНР во Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.