Мисајловски: Власта да не се обидува да го затскрива случајот со ракометарот Тот, секој што се огрешил пред законот треба да одговара

Не што не смее да се прикрива убиство, туку и секој оној што направи било каков злочин треба да одговара, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски во неговото вечерашно гостување во „Тема на денот“ во централниот Дневник на телевизија Сител, во запрашан за немилиот настан, односно насилната смрт на хрватскиот ракометар на РК Бутел, Денис Тот.

Ги повика и невладините организации, кои во меѓувреме сите станале на некој начин владини, да реагираат и да бидат гласни како и за други вакви немили случаи од минатото, при што додаде дека граѓаните со право ни им веруваат на институциите затоа што во последните неколку дена од разни институции слушаат различни информации.

„Ги повикувам невладините кои што беа порано многу гласни, сега некако настанаа сите владини, не знам можеби реагирале, ги поздравувам ако реагирале, но што е проблемот, зошто граѓаните не веруваат во институциите и вие само што кажавте еден куп различни информации и вести до многу портали, од многу медиуми, а впрочем и самите институции дадоа различни гледишта на тоа што се случило вечерта. На почеток немало насилство, потоа имало насилство, потоа имало некоја снимка и така натаму, но јас апелирам да има разрешница, мора да има брза разрешница, а не некој, можеби од политиката да се вмешува и во вакви случаеви, бидејќи навистина има загубен живот“, рече Мисајловски.

Ја поздрави иницијативата на министерството за здравство за вонреден инспекциски надзор со цел да се испита третманот на ракометарот во скопските клиники и ги повика институциите да не го затскриваат и брзо да го разрешат настанот, затоа што има и снимки од кои може лесно да се увиди што се случило и кој се замешан во претепувањето до смрт на ракометарот.

„Mинистерството за здравство, бидејќи кажа дека ќе пушти вонредна контрола, еве го поздравувам тоа, нека се види што се случило. Граѓаните не можат да веруваат затоа што првин излегуваат со една информација дека се случило грозоморен чин, а потоа од КАРИЛ да излезат и да кажат дека немало насилство, а сега са слушаме дека имало удар во главата и така натаму. Но еден од луѓето, како што слушнав е пребегнат, тоа е проблем на институциите и на системот. Имало камери, имало снимки, може многу добро од тој настан да се види што се случило, затоа ги повикувам институциите да не пробаат ништо да затскријат“, истакна  Мисајловски.

Нагласи дека е неважно кој каков и чиј партиски активист е, и дека доколку се огрешил пред законот мора да одговара

„Ако згрешил некој, чива партија нека биде ќе си одговара. Дали бил на ВМРО, дали бил на некоја друга партија активист, овој човек не го познавам воопшто не ни сакам да го познавам, кој и да згрешил мора да одговара и тоа е систем и така треба да се водат институциите. Но СДСМ пробаа на некој друг начин да ја префрлат топката со разни соопштенија и тоа го прават за некоја нивна ПР победа. Вчера им се случува Генералниот секретар на Влада да заврши во затвор, па сакаат да го одвлечат вниманието“, посочи Мисајловски.