Мисајловски: Во Битола од инвестиции на власта видовме само реконструкција на едно мало мостче

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски на трибината во Битола во понеделникот вечерта порача дека од инвестиции на власта во вториот по големина град во земјата граѓаните видоа само реконструкција на едно мало мостче што е понижувачки покрај огромните ветувања на власта за километри патишта кои не се исполнија, како и тоа дека власта не успеа ниту да ги заврши во четири години проектите кои ги наследи од ВМРО-ДПМНЕ.

„Изминаа четири години, тука во Битола ние не видовме ниту еден инвеститор туку гледаме затворени фирми и компании кои што се рекетирани од оваа власт и кои што директно им се прави штета преку намерни казни и редица други репресивни мерки“, критикуваше Мисајловски.

Констатираше приота дека по четири години во Битола се видливи лажните ветувања за „нови километри патишта“, а власта се фали со само два километра асфалтирани улици.

„Ние, како ВМРО-ДПМНЕ, сме докажале во минатото дека се што ветуваме и исполнуваме за разлика од СДСМ кои само уриваат, власта е толку неспособна што не може ниту да ги заврши проектите кои ги наследија од ВМРО-ДПМНЕ. Од инвестиции во Битола единствено ја видовме реконструкцијата на малото мостче со кое се пофали градоначалничката, што е крајно понижувачки за граѓаните“, рече Мисајловски.

Истакна дека ВМРО-ДПМНЕ на следните локални избори во секоја општина ќе понуди конкретни проекти за граѓаните, за поквалитетен живот, за подобра инфраструктура, нови инвестиции за нови работни места.

„Не само во Битола туку и во сите општини состојбата е катастрофална, бидејќи општините ги водат крајно неспособни и криминални кадри кои единствено им е важно склучување на тендери со фирми блиски до власта, се со цел личен интерес, а не вистинска грижа за потребите на граѓаните“, порача Мисајловски.

Поради тоа, додаде Мисајловски, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги понуди токму во Битола најдобрите проекти за нејзините жители.