Мисајловски: СДСМ не се залага за европски принципи, граѓаните се разочарани од нивните катастрофални политики

Гледаме дека секој ден националните интереси се продаваат, за жал ова што го кажувате се факти на еден прогон, на една хунта која ја има во Република Македонија, каде што треба да не спречат да говориме, да не спречат да го кажеме нашето мислење и да ги спречат сите европски принципи и она за што се залагаме, изјави потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски во денешното гостување во емисијата „Алфаскоп“ на телевизија АЛФА.

Мисајловски истакна дека тој сака да ги следи европските принципи и вредности, но за жал ниту еден амбасадор не излегол да ја осуди оваа моментална власт која воопшто не може да се каже дека работи за европските принципи. Мисајловски смета дека СДСМ секој ден во државата прави катастрофални политички и економски решенија.

„Сега еден нов тим на ВМРО-ДПМНЕ треба да направи една надеж за сите нас. Едни позитивни работи, едни позитивни мерки да излеземе кон народот и да го пренесеме она што ние сакаме да го направиме. Што сме погрешиле, сме погрешиле, има и такви работи, каде што треба да допреме до граѓаните и тоа да го кажеме“, рече Мисајловски.

Кажа дека ова што се случува во последните три години во Македонија е едно сценарио кое што не само на ВМРО-ДПМНЕ туку и на граѓаните нанело многу омраза и штета.

Ние сакаме сега со една нова стратегија и со многу нови инструменти да понудиме нешто ново во Република Македонија , односно како сите наши членови пред се да ги вратиме во базите. Може да приметите дека распарчено ВМРО, поделено ВМРО е поделена Македонија, распарчена Македонија и секој ги продава нашите национални интереси.

Потпретседателот Мисајловски смета дека доколку некој заборавил како е кога СДСМ е на власт, сега може да се потсети. Додаде дека и покрај тоа што СДСМ во предизборниот период ветувале дебата, тој а и народот не гледаат дека се случува дебата за било кое прашање.

„Јас не видов дебата за ниту едно прашање, а гледаме дека се штанцаат закони, се штанцаат негативни политики“, рече Мисајловски.

Смета дека народот е разочаран од политиките на СДСМ поради тоа што на граѓаните им ветувале работи кои не ги исполниле. Мисајловски потенцираше дека народот е излажан и изманипулиран од страна на ова влада која што до сега ништо добро не направила.

„Ние во четврток ќе отидеме во Собранието, тоа ќе биде една наша порака бидејќи доаѓа еден од најважните луѓе во светот, и секако нашата стратешка определба е да бидеме во НАТО, Ние сме демократска партија и тоа ќе го негуваме“, објасни Мисајловски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски кажа дека пратениците и сите други притворени од 27 ми април се незаконски, подмукол и нечесен начин апсени, а делата за кои се обвинети се страшни и незаслужени.

„Многу луѓе се среќни поради тоа, затоа што ВМРО-ДПМНЕ паднало. Но ова ако биде Пандорина кутија, ако продолжи во иднина ние каде ќе стигнеме? Дали некој размислува за нашите деца? Дали некој размислува понатаму? Не. Ова е моментално за да се променат некои работи, луѓето да останат во притвор да не бидат со нивните фамилии“, констатираше Мисајловски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.