Мишел негира дека Белгија може да му понуди азил на Пучдемон

Белгија може да му понуди азил на каталонскиот претседател Карлес Пучдемон кој прогласи независна Република Каталонија која ја укинаа шпанските власти, изјави белгискиот државен секретар за азил и миграции Тео Франкен, но неговиот предлог вечерта во неделата го негираше белгискиот премиер Шарл Мишел.

Владата во Мадрид го отстрани Карлес Пучдемон од челното место на автономниот регион Каталонија, откако каталонскиот парламент ја усвои резолуцијата за отцепување од Шпанија.

Теп Франкен, член на фламанската автономистичка партија Нов фламански сојуз (N-VA) во неделата околу пладнето го постави прашањето дали на Пучдемон може праведно да му се суди во Шпанија и тврдеше дека каталонскиот челник би можел да добие азил во Белгија доколку го побара.

„ Тоа не е нереалистично доколку ја согледате ситуацијата. Тие веќе зборуваат за затворска казна“, изјави Франкен за бeлгискатa фламанска телевизија VTM.

Односите меѓу Белгија и Шпанија се заладени поради сличната ситуации од 1990-те и 2000-те години, кога Белгија одби да екстрадира шпанска двојка, којашто била барана поради наводни врски со баскиската сепаратистичка милитантна организација ЕТА.

Белгискиот премиер Шарл Мишел, кој владее во рамките на коалицијата со N-VA, изјави во неделата вечерта дека барањето азил од страна на Пучдемон не е на дневниот ред. Го повтори повикот на дијалог меѓу шпанските и каталонските власти.

„Барам од Тео Франкен да не долева масло на огнот“, изјави Мишел за агенцијата Belga.

И заменикот премиер, Алексадер Де Кроо ја отфрли изјавата на Франкен. „Таквите изјави не се владин предлог. Важно е да се смират духовите, а не да се подбуцнуваат“, рече Кроо, фламански либерал за агенцијата Belga.