Мишел Обама јавно прозборе за спонтаниот абортус

Поранешната прва дама на САД Мишел Обама изјави дека се чувствувала „изгубено и осамено“ кога пред 20 години имала спонтан абортус и како после тоа одела на процедура за ин витро оплодување.

Во интервју за ABC Обама рече дека се чувствувала неуспешно бидејќи не знаела колку често се случуваат спонтани абортуси и бидејќи за тоа не се зборува доволно.

Таа и Барак Обама се подложиле на вештачко оплодување за да ги добијат ќерките Саша и Малија.

Во нејзината книга мемоари насловена „Becoming“ што ќе биде објавена во вторник, Мишел Обама отворено зборува за тоа како израснала во Чикаго, за соочувањето со расизмот во јавниот живот, како и за предизвиците со кои се соочила како прва Афроамериканка која станала прва дама на САД.

Таа исто така зборува и за првичните проблеми во бракот кога Барак ја почнал политичката кариера и дека оделе на терапија за парови.