Мишел во Будимпешта, Орбан го зголемува влогот пред изборите за ЕУ

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел пристигна во понеделникот во Унгарија која е преполна со плакатите на кои се критикува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и полтиките на бирократите во Брисел, каде се сретна со премиерот Виктор Орбан чии активности сѐ повеќе предизвикуваат гнев во Европската унија, а пред важните избори за Европскиот парламент пролетта 2024 година.

Дискретниот состанок траел „малку повеќе од два часа“, рекол за AFP претставник на ЕУ зборувајќи за „длабински консултации“. Орбан на Facebook ја поздрави „полезната дискусија“ без дополнителни поединости.

Целта на средбата, според извори од Унијата, била да се смират тензиите пред клучниот самит на ЕУ кон средината на декември по најавите од Будимпешта дека може да го искористи правото на вето во врска со некои прашања.

Во неодамнешното писмо, Виктор Орбан кој е единствен челник во ЕУ кој ги одржа блиските односи со Русија, ја осудува стратегијата на Брисел кон Киев оценувајќи дека таа придонесува само за гинење на Украинците без да се постигне конкретен напредок кон мирот. Покрај тоа, Унгарија има долгогодишни недоразбирања со Украина и поради нејзиното национално малцинство во соседната земја, и одбива да ја поддржи најновата помош за Киев од 50 милијарди евра, како и од отворањето на пристапните преговори со оваа земја, оценувајќи дека тоа не е заслужено.

Меѓу Брисел и Будимпешта има многу спорни области откако конзервативната суверенистичка партија Фидеш на Орбан во 2010 година дојде на власт и досега во сите изборни циклуси остваруваше надмоќни победи, од миграциските политики кои предизвикаа критики и санкции за Унгарија во врска со независноста на судството, медиумските слободи, правата на ЛГБТ заедницата и нејзините промоции, а сега и Украина.

Тонот станува сѐ пожесток, од минатата седмица започна националната кампања за европските избори во кои се обвинува ЕУ за односот кон Унгарија и обидите на Брисел да се укине дел од суверенитетот на земјите членки. На џамбо-плакатите со кои се облепени улиците се критикува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, како и Алекс Сорос, синот на берзанскиот шпекулант Џорџ Сорос, чија фондација ја финансира унгарската опозиција и нејзините медиуми, како и активностите на ЛГБТ заедницата.

Мотото на плакатите гласи: „Да не играме, како што тие свират“. Бидејќи Сорос (Шорош) има еврејско потекло што самиот тој не го истакнува често, критичарите на Орбан и Фидеш сметаат дека тоа е „доказ“ за антисемитизам, што во Будимпешта решително го отфрлаат.

„Унгарија се брани и со сета сила му се опира на сегашниот модел кој Европа ја води во пропаст…“, порача Орбан кон средината на ноември убеден дека е можна победа на антисистемските и суверенистички партии во Европскиот парламент следниот јуни.

„Како што се приближува предизборната кампања, владата сака да ја истакне својата различност, да инсистира на промените кои има намера да ги донесе во Брисел“, појаснува за AFP политикологот Даниел Деак од Институтот XXI век, кој се смета за близок на Орбан.

На унгарскиот премиер „му се потребни овие симболични борби против надворешните непријатели за да ја мобилизира својата база“, смета Булчу Хунјади од тинк-тенкот „Political Capital“.

Пред изборите за Европскиот парламент во 2019 година, Унагарија во сличен стил го нападна тогашниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер. И во двата случаи челниците на ЕК се прикажуваат како марионети на Џорџ а сега на неговиот син Алекс кој ја води Фондацијата Отвореното општество.

„Тоа е стара тактика чијашто цел е да создаде нејасна и имигинарна закана за да ги одврати гласачите од вистинските проблеми во образованието или здравството. И уште еден доказ на нивот на политичка непристојност која го дистигна земја членк на ЕУ“, изјавила за AFP портпаролката на Фондацијата Отворено општество без да даде доказ за своите тврдења.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.