Мисовски и Зендели избрани за потпретседатели на Собранието

52

Пратениците во Собранието попладнево избраа двајца потпретседатели на парламентот, Горан Мисовски од НСДП и Фадил Зендели од Беса.

Пратеникот Кастриот Реџепи од Беса, кој дел од владејачката коалиција, рече дека станува збор за двајца пратеници со богато политичко искуство кои во целост можат да ја извршуваат оваа значајна функција.

Мисовски беше потпретседател на парламентот и во претходниот собраниски состав, и беше единствен од тројцата потпретседатели кој го заменуваше Џафери во водење на пленарните седници.

Беса, пак, сега првпат има потпретседател во законодавниот дом, иако Зендели беше пратеник и во претходниот состав, кога оваа партија беше во опозиција.

Нивниот избор се најде на дневен ред на 22. седница, на која претпладне, пак, со 61 глас „за“, владејачкото мнозинство одлучи по скратена постапка да се разгледа предлогот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, за измени во Деловникот за работа. Неговиот предлог се однесува на тоа да се овозможи пратениците кои се во изолација поради позитивен тест на ковид-19 или поради контакт со заразен, да можат да работат онлајн.

Откако се изгласа потребата од разгледување и носење на измените, процедурата предвидува предлогот на Џафери да помине на комисиска расправа, а потоа повторно да се врати на гласање на пленарна седница.

Претседателот на Собранието рече дека сите што имаат забелешки на Предлогот за дополнувања на Деловникот на Собранието, да ги достават и најави дека како предлагач ќе ги разгледа сите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.