Мистерија за заразата со коронавирусот на аргентински морнари по 35 дена на море

Аргентинските здравствени власти се обидуваат да ја разјаснат мистеријата на појава на заразата со новиот коронавирус кај 57 морнари откако 35 дена минале на море, и покрај тоа што на тестирањето пред запловувањето сите биле негативни.

Рибарскиот брод „Echizen Maru“ се вратил во пристаништето откако дел од морнарите развиле симптоми кои одговараат на заболување со Covid-19, објави во понеделникот аргентинското министерство за здравство.

Според министерството, 57 од 61 член на екипажот сега се позитивни на коронавирусот. Сите биле тестирани 14 дена пред пловидбата, биле негативни и до качувањето на бродот биле во задолжителен карантин во хотел во градот Ушуаја на југот од Аргентина.

По враќањето само двајца морнари биле негативни на вирусот, а резултатите се очекуваат за уште двајца членови на екипажот. Двајца морнари се хоспитализирани.

„Тешко е да се утврди како се заразени, бидејќи 35 дена не биле со никој во контакт, а снабдени се со продукти од пристаништето Ушуаја“, вели епидемиологот Алехандра Алфато во Тиера дел Фуего.

Тим епидемиолози сега се обидува да ја утврди хронологијата на симптомите за да ја утврди хронологијата на заразата. Шефот на одделот за заразни болести во болницата во Ушуаја, Леандро Балаторе, вели дека инкубација од 35 дена сѐ уште не е опишана.

Бројот на заболените од Covid-19 во Аргентина надмина 100.000, од кои починати се повеќе од 1.900 лица. Повеќето заразени се од областа на главниот град Буенос Аирес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.