Мистериозното кинеско летало се врати на Земјата по 276 дена

Експерименталното кинеско вселенско летало се врати во понеделникот на Земјата, откако во орбитата мина 276 денови, известија кинеските државни медиуми, со што е завршена мисијата за тестирање на вселенските технологии на Кина за повеќекратно користење.

Вселенското летало без екипаж се врати во центарот за лансирање Џиукван, на северозападот на Кина, во понеделникот како што и било планирано, пренесуваат медиумите.

Не се наведени поединости за тоа за кое летало точно станува збор, кои технологии се тестирани, колку високо летало и каде ја водела орбитата од лансирањето на почетокот од август 2022 година. Фотографии од леталото, исто така, допрва треба да бидат објавени во јавноста.

Тестот означува „важен“ напредок во кинеските истражувања на технологијата на вселенските летала за повеќекратно користење кои ќе овозможат попрактичен и поевтин начин на испраќање на идните вселенски мисии, се наведува во медиумските извештаи.

Во 2021 година, предмет кој во западните медиуми беше опишан како нешто слично на вселенско летало, беше лансирано до работ на Вселената и се врати на Земјата истиот ден, во мисија којашто, исто така, беше главно држена во тајност. Тоа летало слетало на Земјата „хоризонтално“, тогаш објави главната кинеска вселенска агенција.

Коментаторите на кинеските социјални мрежи за новото летало претпоставуваат дека Пекинг развива летало слично на „X-37B“ на американското воено воздухопловство, автономен вселенски авион кој може во орбитата да остане со години. Леталото „X-37B“ без екипаж и за повеќекратно лансирање се врати на Земјата во ноември минатата 2022 година во својата шеста мисија, по повеќе 900 дена минати во орбитата.