Митаноски: Еколошката катастрофа на Преспанското, а со него и на Охридското Езеро! Срамно! Неодговорно! Мачкање очи со мраз!

„Еколошката катастрофа на Преспанското, а со него и на Охридското Езеро: Македонски состојби – по свадба тапани!?“, вели новинарот Веле Митаноски на неговиот Фејсбук статус и прашува: „Што е направено од наша страна?

Ништо! Нулта точка! Зеро! Смешки-тешки“!

Понатму во неговото видување за целата ситуација Митаноски констатира дека дури вчера, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, „одржал работна средба со градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, заради алармантната состојба со Преспанското Езеро!”.

„Биле „разгледани можностите за забрзување на активностите и на национално и на меѓународно ниво“! Бил „потребен комплексен пристап заснован на научни сознанија“! Било „договорено итно да се стави во функција работната група за чие формирање изминатиот период од страна на МЖСПП се направени консултации со повеќе засегнати страни“! Било констатирано дека „било клучно интензивирањето на активностите за завршување на процесот на формирање на трилатералниот комитет за Преспа паркот за кој штотуку беа номинирани членовите од македонската и грчката страна, а номинацијата од Албанија е во тек”!…

Дури, се отишло толку далеку, што „министерот се заложил за поинтензивна комуникација со неговите колеги од двете држави заради побрзо отпочнување на прекуграничната соработка за заштита на Преспа“!

Срамно! Неодговорно! Мачкање очи со мраз!

Каде се другите органи, останатите повикани институции?

Зошто, за нашето собрание, еколошката катастрофа на Преспанското Езеро, не е тема, не е аларм?

Зошто, ова што му се служува на Охридското Езеро, не е тема, не е аларм. Ако ништо друго, каде се дузината пратеници од Охрид, без разлика каков партиски дрес носат?

До кога двете езера ќе се третираат како две посебни целини, кога се единствено сливно подрачје, заедничко подрачје на две, а во случајот со Преспанското и на три земји-соседи?“, вели хроничарот на охридско-преспанскиот регион Веле Митаноски.