Митева: Додека смртта го надвладува здравјето во македонското здравство, Венко Филипче е награден со 13-ноемвриска награда од Шилегов

Со потписот на Шилегов доделена е наградата за „13 Ноември“ на Венко Филипче, на човекот кому му починаа над 7.000 луѓе од корона, на човекот на кого му изгоре модуларна болница и која со себе однесе 14 жртви, истакна на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.

Во продолжение интегрален текст и видео од прес-конференцијата на Митева:

-Тажните денови за македонското здравство никако да запрат. После низа други вакви тажни приказни од здравствениот систем за кој до денес не слушнавме ништо ниту за причината ниту за одговорноста, веќе вчера во Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир почина 26 годишна родилка при породување, додека во Клиничката болница во Битола почина 18 годишна девојка за која се уште не се познати детално причините.

Додека смртта го надвладува здравјето во македонското здравство, Венко Филипче е награден со 13 ноемвриска награда од Шилегов. За сите неуспеси во здравството, за најлошото менаџирање со ковид пандемијата кое не рангираше како лидер во светот по смртност, за многубројните грешки и пропусти кој завршија со загубени животи, а за кој до ден денес нема никаква разрешница ниту одговорност, наградата е доделена во знак на признание за заслуги.

За сите овие негативности нема санкции, нема одговорност, но затоа има награди за заслуги. За СДСМ е важно наградата да заврши во кругот на партиското семејство, во онаа политичка партија каде нема место за критика и одговорност. Каде самопрогласените за најдобри се најлоши во реалноста по секој основ. Премиерот во заминување ветуваше многу на полето на здравството во Македонија, но ветувањата завршија со тажен крај, со загубени животи и недоверба во системот.

И најважно, ветувањата на Заев завршија со здравствен систем врз кој никој нема контрола, заклучи Митева.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.